Со одлуката за носење на посебно скроен закон за изградба на автопатишта со стратешкиот партнер Бехтел и Енка, се поткопуваат темелите на владеењето на правото. Во состојба во која постојат веќе воспоставени начини како се остваруваат вакви инвестиции, преку јавни набавки или јавно приватно партнерство, кои обезбедуваат конкурентност, носење на скроен закон значи дека користа на инвеститорот била поважна од јавниот интерес. Истовремено, за ваква инвестиција од страна на државата недостасуваат анализи кои ќе ја образложат вистинската потреба за изградба, деталите и анализата на корист и трошок од изградбата, за да граѓаните добијат најмногу за денарот што го вложиле како даночни обврзници.
Платформата ги потсетува институциите дека почетокот на борбата против корупцијата е политичката волја. Таа не се состои само од поддршка на институциите примарно задолжени за борбата против корупцијата. Политичката волја значи и сопствено делување, во своите надлежности кое почива на начелата на непристрасност, законитост и транспарентност. За жал, овој и слични примери го подриваат тоа што е постигнато досега и ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите. Дополнително, го рушат угледот пред меѓународните партнери и ќе влијаат на оценките во извештаите за земјава.
Платформата бара од претставниците на власта да бидат пример за борба против корупција, а не ризик.