Визија за борбата против корупцијата – кои се главните предизвици во 2022 година

По повод меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска ја организираше дискусијата „Визија за борбата против корупцијата – кои се главните предизвици во 2022 година“.

Членовите на Одборот на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, ги детектираа можните предизвици кои не очекуваат следната година а воедно дадоа и предвидувања за идните чекори и активности во борбата против корупцијата.

Настанот го отвори Миша Поповиќ од Институт за демократија „Социетас Цивилис“. Според него, една извојувана победа во борбата против корупција во 2021 година е тоа што за граѓаните ја препознале корупцијата како егзистенцијален проблем.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации рече дека Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Планот за борба против корупција – Акција 21 се добра рамка за тоа што треба да се направи во 2022 година.

„Од Националната стратегија 69 мерки имаат рок за спроведување во 2022 година. Ние невладините организации сме тука да помогнеме во спроведување на тие активности. Во 2022 година,  потребно е да почнеме акциите да ги дизајнираме со граѓаните наместо за граѓаните. Сега е вистинско време да се отвори широк фронт во борбата против корупцијата. Мислам дека треба во 2022 година да се придвижиме подалеку од законите и да дојдеме до интегритетот на личностите и институциите затоа што само така може да се бориме против корупцијата. Во 2022 година треба да се обрне внимание и на обврската на сите институции да изработат антикорупциски програми. Треба да се работи на тоа плановите навистина да бидат искрени, реални, и да се фокусираат на ризиците што секоја институција ќе ги детектира како најголеми во нивното работење“, вели Филков.

Натали Петровска од Коалиција „Сите за правично судење“ фокусот го стави на правосудството како значајна алка во борбата против корупција.

„Со цел да се овозможи ефикасна борба против организиран криминал и корупција, неопходно е државата да обезбеди доволно финансиски средства како и соодветен број на човечки ресурси за да можат институциите за прогон да делуваат во нивниот полн капацитет. Потребно е да се зајакнат капацитетите на јавните обвинителства во државата. Приоритетно е да има и соодветен број на јавни обвинители, да се зајакне функционалноста на истражните центри кои што ги има само во 5%  од обвинителствата а тоа би придонело во борбата против корупција и криминал. Потребен е интегриран пристап на повеќе служби и паралелно водење и на финансиски и на кривични истраги. Ова упатува на фактот дека со цел за да се воспостави ефикасен систем за превенција и борба со корупција, потребно е да се зајакне меѓуинституционалната соработка, а од примарна важност е јакнењето на интегритетот на човечкиот фактор во институциите“, додаде Петровска.

Снежана Камиловска Трповска од Македонски центар за меѓународна соработка смета дека она што треба да го очекуваме од секоја демократска држава е почитување на владеење на правото, транспарентноста и отчетноста како едни од основите параметри за можеме да се бориме против корупцијата.

„Очигледни се ставовите на граѓаните дека корупцијата е горливо прашање. Во најновиот извештај на МЦМС за проценка на корупција за 2021 година, корупцијата за прв пат се наоѓа на врвот на скалата на општествен проблем, зад невработеноста, високите цени и ниските приходи. Тоа значи сме допринеле со сета оваа гласност граѓаните да бидат свесни за овој општествен проблем, но од друга страна тоа претставува и проблем кој што не се сузбива туку напротив се зголемува. Во истражувањето за прв пат граѓаните ја детектираат желбата за брзо и лично богатење на оние што се на власт како најглавен фактор за распространетоста за корупцијата. Константно судиите, пратениците, министрите и градоначалниците се перципираат како најкорумпирани. Можеме да заклучиме дека потребно е сите подеднакво да бидеме вклучени во борбата против корупцијата. Се надевам дека во 2022 година ќе може да се концентрираме на спроведувањето на надлежностите на институциите и дека ќе имаме подобри и повидливи резултати во борбата против корупција“, смета Камиловска Трповска.

Марија Мирчевска од Фондација Отворено општество – Македонија се осврна на научените лекции за вклученоста на граѓаните за борбата против корупција и за тоа како да подобри комуникацијата со граѓаните.

„Се чини дека изложената на граѓаните на огромен обем на информации за застапеноста и штетата од корупција, кај граѓаните наместо да продуцираме волја да ни се придружат во каузата и да преземат конкретна активност, во суштина често предизвикуваме чувство на разочараност, песимизам па дури и дефетизам. Истражувањата покажуваат дека граѓаните ја разбираат проблематичната страна на корупцијата, но го рационализираат своето учество во истата објаснувајќи дека се принудени затоа што државата не функционира, постојат лоши закони и слабо се спроведуваат. Јавноста е безнадежна и фаталистички расположена, сметаат дека избраните лидери работат во сопствен интерес и во интерес на помали групи. Граѓаните сметаат дека постојат правила и закони но тие не се спроведуваат кога се работи за моќни лица“, истакна Мирчевска.

 

Видеото на настанот може да го погледнете тука.