Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска, во рамки на Отворен форум за Антикорупција, ја организираше панел дискусијата „Како да се постигне подобра соработка во борбата против корупцијата меѓу јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот“.
На панелот се обратија, истражувачот на Институт за демократија Миша Поповиќ, пратеничката во Собранието Соња Мираковска, програмската директорка на Фондацијата Метаморфозис Данче Даниловска-Бајдевска, извршниот директор на Евротинк Димитар Николовски и извршната директорка на здружението Конект Никица Кусиникова.
Поповиќ истакна дека односот помеѓу граѓанското општество и јавните институции е критичка алка во обезбедување на поволен исход во борбата против корупцијата.
„Експертизата во голема мера лежи во граѓанското општество кое има корективна улога за институциите. Но, потребен е еден поширок простор во кој што се испреплетени трите столба на борба против корупцијата – институциите, граѓанските организации и медиумите. Ова ќе биде исклучително важно при обезбедување на поволна клима што треба да овозможи дека ќе се стигне во фаза во која ќе се зборува за успеси повеќе од неуспеси“, смета Поповиќ.
Корупцијата е рак рана на општеството и затоа клучно е да разговараме отворено за овој проблем и да бараме решенија. Во овој процес Собранието има исклучително важна улога, смета пратеничката Мираковска.
„Механизмите кои што ги има Собранието не се незначителни, но прашање е колку се искористени. За жал мораме на буткање да го поправаме системот, а тоа секојдневно го чувствуваат нашите граѓани. Собранието има голема моќ која не ја користи, надзорната улога мора да стане секојдневие. Сосема нормално е дека во безредие корупцијата се пробива и се пробиваат тие што сакаат да корумпираат. Ако не го поправиме системот ќе се вртиме во круг, а корупцијата ќе доаѓа до највисоките редови без разлика кој е на власт“, додаде Мираковска.
Даниловска-Бајдевска потенцираше дека борбата против корупцијата е долгорочен процес, кој што изискува промена на институциите, промена на законската рамка како и промена на културата на работење.
„Тоа ќе се направи преку соработка со надворешните актери, затоа што без таа соработка, особено со граѓанските организации, нема да може да се постигне тоа. Вклучување на граѓанското општество во рана фаза во креирањето на политиките е неопходно. На ниво на акти имаме солидна основа за вклучување на засегнатите страни но институциите тоа треба да го прават навремено ако сакаме успех во борбата против корупцијата“, рече таа.
Николовски смета дека покрај релевантни истражувања и анализи на применетите политики, граѓанските организации можат да бидат важен партнер на институциите, преку директна соработка насочена кон подобрување на транспарентноста и отчетноста.
„Евротинк најмногу искуство има во борбата против организираниот криминал, и можеме да се пофалиме дека значителен број од нашите препораки биле прифатени и применети“, додаде Николовски.
Во бизнис секторот е воспоставен клиентализам и се прифаќа корупцијата како неминовен дел од работењето. Ова се случува и во релациите на бизнисите со државата и се манифестира на секакво ниво, вели Кусиникова.
„Од ваквото делување најголем губитник е бизнис секторот. Тоа придонесува ние како граѓани да добиваме услуги со послаб квалитет, а младите си заминуваат од државата. Компаниите треба да изградат програми за корупција во рамки на нивниот бизнис и да ги поттикнуваат своите вработени да пријавуваат корупција и таа да престане да биде баук. И на овие политики треба да гледаат како превенција, а не како механизми за репресија. Исто така потребно е поактивно вклучување на приватниот сектор преку коморските здружувања во креирањето на пошироките политики во рамки на државата. Потребен е меѓусектороски простор за дијалог каде компаниите ќе бидат проактивен чинител во превенција на корупцијата“, смета Кусиникова.
„Отворен форум за антикорупција“ се одржува на 6 и 7 декември, по повод меѓународниот ден за борба против корупција, во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата“ и „Регионална мрежа за антикорупција (СЕЛДИ)“.
Целта на форумот е да се прикаже состојбата со корупцијата во земјата преку заедничка дискусија каде ќе бидат вклучени граѓанските локални и меѓународни организации, медиумите, приватниот сектор и Државната комисија за спречување на корупција.