ОДГОВОРНО ПОЛИЦИСКО РАБОТЕЊЕ: РИЗИЦИТЕ ОД КОРУПЦИЈА ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ

Корупцијата претставува особено комплексен социјален, безбедносен, криминолошки, политички и економски феномен којшто произведува закана за функцонирањето на демократијата, правната држава и владеењето на правото. Корупцијата директно доведува до прекршување и злоупотреба на човековите права и слобода, а овозможува услови за развој на организираниот криминал и другите закани по безбедноста и стабилноста на државата и граѓаните.

Полицијата е државен орган надлежен за спроведување на законот, за заштита на човековите слободи и права, заштита и одржување на јавниот ред и мир и откривање на криминалот и гонење на сторителите. Во текот на извршувањето на ваквите задачи и надлежности, полициските службеници не смеат да ги користат службените овластувања за да добијат одредена корист во општеството за приватни цели. Тие секогаш мора да ги почитуваат стандардите на професионално работење, да поседуваат високо ниво на интегритет, да имаат развиено чувство за отпор спрема поткупливост, и постојано да ги надградуваат своите знаења за етиката на полициската професија.

Од истражувањето се утврди дека главен предизвик за Министерството за внатрешни работи во однос на борбата против корупцијата е (не)навременото детектирање и идентификација на ризиците од корупција, како и (не)навременото откривање, разјаснување, документирање и докажување на коруптивните однесувања во кои биле вклучени полициски службеници.

За ефикасна борба против корупцијата подеднакво се важни политичката волја, нормативните решенија, институционалната рамка, ефикасна примена на законите, институционалниот и личниот капацитет и интегритет, функционалност на јавнообвинителската служба и судска влас, како и соработката меѓу сите засегнати институции на национално и меѓународно ниво.

Целото истражување можете да го прочитате тука.