Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро ја осудува партизацијата при изборот на нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата

 

 

Почитувани,

 

Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро ги осудува партизацијата и изигрувањето на процесот на избор на нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Воедно, Платформата целосно ја поддржува Снежана Камиловска Трповска, која како член на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, изрази  издвоено мислење од Комисијата за селекција, поради необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови на Комисијата.

Како претставник на граѓански сектор од областа на демократијата и владеењето на правото, Снежана Камиловска Трповска покажа целосно различна перцепција за избраните кандидати со што јасно се манифестира и ставот на граѓанските организации за идниот состав. Притоа, изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис за селектираните кандидати и покрај слабите интервју, одбивање на кандидати да одговорат на директни прашања за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високо профилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 год, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл. Дополнително, кандидати кои манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмсилен одговор и со одлични компетенции не беа добро оценети од страна на другите членови со што им се оневозможи објективно да се борат за позицијата претседател и член на ДКСК.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција цени дека партиските влијанија врз изборот на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, негативно ќе влијаат врз објективноста и непристрасноста на Комисијата во спроведување на сериозните законски надлежности коишто ги има, како еден од главните чинители во борбата против корупција во земјата.

 

Со почит,

Платформата на граѓански организации за борба против корупција

 

 

Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро ја осудува партизацијата при изборот на нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата