Ова истражување претставува обид за идентификување на слабостите на правните системи на четири балкански држави во делот на финасирање на политичките партии .
Притоа, се врши мапирање на транспарентноста на политичките партии и надлежните органи, односно јавното објавување на документи поврзани со финансирањето на партиите согласно законот. Наодите и заклучоците изведени од истражувањето се засноваат врз три компоненти: 1) компаративна анализа на законските решенија на четири балкански држави, вклучувајќи ги Република Северна Македонија, Република Србија, Република Хрватска и Република Бугарија, 2) анализа на јавната достапност на документите за финансирање на политичките партии и 3) податоци собрани од спроведена теренска и онлајн анкета на 105 испитаници .
Спроведеното истражување е поделено во три дела. Во првиот дел, истражувањето се фокусира на законските решенија за финансирање на политичките партии на четири балкански држави со акцент на Северна Македонија, при што се мапираат сличностите и недостатоците на законските рамки во овие држави .
Главна цел на вториот дел од ова истражување е да се направи детална анализа на транспарентноста на политичките партии и државните органи преку анализа на јавната достапност на документите за финансирање на партиите во Северна Македонија .
Третиот дел на истражувањето се осврнува на запознаеноста на генералната јавност со начините на кои се финансираат политичките партии, но и законските одредби кои ја регулираат оваа материја, вклучително и правата кои граѓаните ги уживаат согласно Законот за финасирање на политички партии .
По спроведената анализа беа изведени неколку заклучоци. Студијата укажува на неколку вида на поврзани пречки кои ја намалуваат транспарентноста во делот на финансирањето на политичките партии, и тоа: 1) недостапноста на финасиските извештаи и податоците од регистрите за донации до јавноста, 2) недостатоците во правната рамка за финансирањето на партиите која овозможува корупција, 3) кршењето на законските одредби од Законот за финансирање на политичките партии во делот на транспарентно и јавно објавување на документите за финансирање и 4) перцепцијата на јавноста дека политичките партии се корумпирани. Врз основа на наодите, студијата вклучува и неколку препораки за различните општествени и релевантни актери од областа на финансирање на политички партии
Целосната анализа е достапна тука.