Јавните набавки се една од сферите што се најподложни на корупција бидејќи во нив циркулираат многу пари и директно учествуваат многу чинители. По долгогодишните критики за широкораспространета корупција во јавните набавки во земјава, дури година и половина по смената на власта, донесен е целосно нов Закон за јавните набавки, со кој требаше да се изврши хармонизирање со новите директиви на ЕУ во оваа сфера, но и да се стесни просторот за злоупотреби и корупција.
Имајќи го ова предвид, анализата ги опфаќа новините во законската рамка за јавни набавки, кои се однесуваат на стеснување на просторот за корупција и поголема транспарентност, отчетност и одговорност при спроведување на јавните тендери; сличностите и разликите со досегашната регулатива; како и проценка на ризиците од корупција што постојат и во новиот Закон за јавните набавки, со предлагање мерки за нивно надминување.
Особено е важно да се укаже на некои значајни одредби, од кои некои нови и досега непознати, уште во почетната фаза од спроведување на новиот закон што почна да важи од 1 април 2019 година. Како основа за анализата се користени критериуми и одредници што произлегуваат од досегашното следење и анализа на спроведувањето на јавните набавки; насоките и препораките од меѓународни организации, како и укажувања од бизнис-секторот, договорните органи, регулаторните институции, граѓанските организации и медиумите.
Освен како инструмент за граѓаните, новинарите и граѓанските организации за натамошно полесно следење на јавното трошење, особено од аспект на корупцијата, анализата може да послужи и како алатка за договорните органи и за фирмите за поефикасно спроведувањето на тендерите.
Целосната анализа е достапна тука.