По повод одбележување на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, организираше конференција на 12 декември 2018.
Конференцијата насловена „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“ направи простор да се изнесат и дискутираат ставовите на претставници од извршната, законодавната и судската власт, невладиниот и приватниот сектор, медиумите и претставниците од меѓународните организации, во рамки на 3 панел дискусии.
Конференцијата беше отворена со воведни обраќања од страна на Слаѓана Тасева – Претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Рената Дескоска – Министерка за правда, Самуел Жбогар – Шеф на Делегацијата на Европската Унија и Розета Трајан – Генерална секретарка во Државната комисија за спречување на корупцијата.
Првата панел дискусија беше посветена на „Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата: Предизвиците при воспоставување на функционалноста на институциите“, а кон истата активен придонес дадоа Слаѓана Тасева – Претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Павле Богоевски – Пратеник во Собранието на Република Македонија, Рената Дескоска – Министерка за правда и Софка Пејовска Дојчиновска – поранешен генерална секретар во Државната комисија за спречување на корупцијата. Втората панел дискусија, пак, под насловот „Ветинг процесот и интегритетот при изборот и назначувањето на судии, обвинители и членови на регулаторни, контролни и надзорни тела: Олеснување при процесот на избор или обесхрабрувачки чекор?“ го опфати доследното почитување на принципите на мерит- системот во независноста на регулаторните, контролните и надзорните тела и нивното значење за владеењето на правото во борбата против корупцијата во земјата, преку обраќањата на Алберт Муслиу – Прв Извршен директор на Асоцијација за демократски иницијативи, Ана Павловска Данева – Шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО, Вилма Русковска – шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, Маргарита Цаца Николовска – судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина и Лазар Нанев – претседател на Основен суд Кавадарци и Претседател на Советот за спречување на малолетничка деликвенција.
„Улогата на граѓанските организации во одбрана нa правната, финансиската и политичката рамка: Основање на систем на контрола на власта“ беше последната панл дискусија во рамки на конференцијата и за време на истата фокусот беше ставен на напорите сторени од граѓанските организации, научените лекции и следните чекори. Во оваа сесија свои излагањаа имаа Марко Трошановски – Претседател на Институт за демократија “Социетас Цивилис”-Скопје, Н.Е. Амбасадор на САД во Република Македонија Џес Л. Бејли, Сабина Факиќ – Програмски директор во Центарот за граѓански комуникаци и Емина Нурединоска – раководител на секторот за граѓанско општество во Македонски центар за меѓународна соработка.
Конференцијата беше организирана од Транспаренси Интернешнл-Македонија во рамки на зајакнувањето на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која вклучува 16 граѓански организации. Оваа иницијатива е поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија.