Платформата на граѓански организации за борба против корупција денеска одржа настан на кој се презентираа анализи за ризични области од корупција во животна средина и здравство во рамките на проектот „Набљудување во ризични области од корупција: здравство и животна средина“ финансиран од Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ).
Воведни обраќања на настанот имаа Данче Даниловска – Бајдeвска, програмска директорка во ФООМ и Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Даниловска – Бајдевска потенцираше дека ФООМ ја поддржува Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата неколку години во спроведување на активности поврзани со антикорупција.
„Антикорупцијата ја гледаме низ призмата на доброто управување и владеење на правото, но пред се како фактор кој што влијае на граѓаните во пристапот до квалитетни услуги и јавни добра. Фондацијата континуирано, неколку години ја поддржува Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блу принт групата за реформи во правосудство. Со нашата поддршка граѓанските организации продолжуваат да бидат активни чинители во спроведувањето на мониторингот на реформските процеси поврзани со антикорупцијата и реформите во правосудството коишто исто така ја засегаат борбата против корупцијата“, рече таа.
Поповиќ истакна дека борбата против корупцијата е повеќеслоен проблем кој бара политички, институционални и финансиски ресурси кои ќе ги бидат израз на декларативните заложби и ќе придонесат кон видливи резултати.
„На оваа конференција ќе воспоставиме еден дијалог меѓу граѓанските организации од Платформата, институциите кои се задолжени за областите кои ги истражувавме и граѓанските организации кои работат во областите животна средина и здравство. Овој настан е значен форум кој што е потребен за едно долгорочно обмислување на реформите во овие области, кои што ќе обезбедат не само развој во секторска смисла, туку и развој во смисла на интегритет, политиките и праксите во областите, документите кои се спроведуваат и институциите кои работат во областите“, вели Поповиќ.
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиевска, ги поздрави активностите и истакна дека за ефективна борба против корупцијата во животната средина и здравството неопходен е детален осврт на ранливите активности кои оставаат простор за коруптивни дејствија
„Анализите од ваков тип и транспарентите дискусии се добра алатка што ни овозможува на нас како креатори на политики да создадеме добра правна регулатива која воедно ќе делува и превентивно во однос на корупцијата. Свесни сме дека корупцијата секаде има реални политички, економски и социјални реперкусии. Претставува пречка за демократијата и владеењето на правото, ја нарушува распределбата на ресурсите, ја намалува продуктивноста и инвестициите и секако го забавува економскиот раст“ претстави Оџаклиевска.
Претставниците на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата Александар Цеков од Центарот за истражување и креирање на политики и Дарко Аврамовски од Коалиција сите за правично судење, презентираа наоди од проектот со фокус на животната средина.
Цеков, ја презентираше анализата „Мапирање на ризици од корупција во животната средина “ и ги претстави главните наоди. Истражувањето за перцепцијата на распространетоста на корупцијата го потврдува фактот дека корупцијата е сериозен проблем во државата.
„Од максимална оценка 10, распространетоста на корупцијата доби средна оценка од 9,27 што укажува на потребата од посистематски пристап во борбата против корупција, бидејќи очигледно, досегашниот пристап, кој што се темели на ад хок реформи во одредени области, не го дава посакуваниот резултат. Во однос на најгорливите теми/проблеми во оваа област, од понудените, како најакутен проблем со средна оценка од 9,21, граѓаните го издвоиле проблемот со т.н. градежната или урбана мафија“ истакна Цеков.
Аврамовски, кој ја презентираше „Антикорупциската проверка на Законот за животна средина“, потенцираше каде се наоѓаат клучните ризици од корупција во рамки на законот:
„Министерот за животна средина има голема дискреција за пропишување на постапките за издавање на разни дозволи и креирање на планови и документи за животната средина, слобода за пропишување на формата на барањата, постапката за издавање на дозволи, формирање на комисии, овластување на правни и физички лица, издавање дозволи и донесување на други одлуки во постапките предвидени во Законот“, потенцираше Аврамовски.
Во рамки на вториот панел за ризици од корупција во здравството, се обрати заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски, кој претходно и како директор на клиниката за неврологија бил вклучен во борбата со пандемијата.
„Имавме проблем со обезбедување на личната заштитна опрема (капи, маски, ракавици), бидејќи почетокот на пандемијата почна во Кина со Вухан. Голем дел од тие набавки за заштитна опрема доаѓаа од Кина и настана големо забавување во испораката на личната заштитна опрема. Не само што временски забавуваа, цените дури и во малопродажба почнаа да се зголемуваат и доста да варираат и за жал одеа на едно нерамномерно високо ниво. Дури и неколку каратно беа поскапи во однос на времето пред почетокот на пандемијата. Понатаму како што малку се ублажуваше пикот, цените не дојдоа во нормала, но тие плафонски цени што ги имавме на почеток, почнаа да се намалуваат. Многу зависи еден производ како би се набавувал и со колкави количини. Дали би го набавило Министерството за 2 милиони популација или секоја институција да набавува со поединечни набавки. Во поглед на тоа сигурно би имало разлика во постигнувањето на цените, дел од тие набавки одеа од самите институции дел ги добивавме централно набавени од Министерството за здравство. Лично како моја идеја, мислам дека би се постигнале пониски цени доколку државата преземе улога да ги набавува во име на сите институции, а потоа рамномерно да ги распределува“, истакна Рендевски.
Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации кој е дел од Платформата на граѓански организации за борба против коруцијата, како автор на „Анализа на еднаквоста на испорачаните здравствени услуги во различните ковид-центри“ на настанот ги презентираше дел од наодите.
„Во Ковид-центрите во просек починал еден пациент на секои шест хоспитализирани. Дополнително 94,8% од набавките на лекови се спроведени со користење отворени постапки, додека останатите 5,2% преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас. Сепак, транспарентноста не се рефлектира соодветно на конкуренцијата и на цените“, презентираше Митевски.
Целата конференција може да ја погледнете тука.