До: Министерство за правда на Република Северна Македонија
Копија: Кабинет на Заменик Претседател на Влада одговорен за политики за добро
владеење
Предмет: Повлекување од работна група за креирање на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка
Почитувани,
Платформата на граѓански организации за борба против корупција, Ве известува дека се повлекува од работната група за креирање на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Имајќи го предвид временскиот рок и динамиката за работа на работната група, Платформата цени дека слабостите кои ги констатираме во предложениот текст не може суштински да се отстранат. Имено, прв состанок на кој Платформата беше поканета за да се вклучи во процесот се одржа на 15 август 2023 година, а на истата беше укажано дека се очекува текстот на предлог-законот да биде објавен на ЕНЕР на 15 септември 2023 година. Покрај овој недостаток во консултативниот процес, Платформата смета дека недостасува соодветна анализа за состојбата и оправданоста на вакво законско решение и сметаме дека токму една таква анализа ќе утврди дека веќе во правната рамка во Македонија постојат механизми за конфискација на имот, кои за жал не се применуваат соодветно. Системот за борба против корупција може да се унапреди само ако соодветно се анализира дали и кои од постоечките правила се несоодветни или недостасуваат, или пак проблемот е во оние кои треба да ги применат. Со овој предлог се креира нова правна алатка, за која без соодветно адресирање на институционалните проблеми на непримена на постоечките одредби, може да доведе само до поголеми суштински предизвици, или пак до непримена на уште едно правило.
Платформата уште од самата најава за креирање на ова законско решение, постојано инсистираше до надлежните институции да биде вклучена во процесот, со што ќе се овозможеше суштински консултативен процес. Во овој случај консултирањето со надворешните засегнати страни, како што е Платформата, е сторено во завршна фаза на креирање на законско решение, во која не може суштински да се придонесе. Потсетуваме дека добра пракса на процесот на консултации е вклучување на засегнатите страни во рана фаза, во која прво се дискутира за концепти и систем, а дури потоа се консултира конкретно предложен текст.
Напоменуваме дека Платформата останува посветена на креирање на правни решенија кои ќе овозможат унапредување на законската рамка за борба против корупција во еден широк консултативен процес.
Со почит,
Платформа на граѓански организации за борба против корупција
Скопје, 4.септември.2023
Целиот допис може да го најдете на следниот линк: Повлекување од работна група за креирање на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка