Истражување и публикации

АПЛ за Законот за преземање административни службеници

Објавено на 01.06.2021 14:38:50

Носењето на Законот за преземање административни службеници вработени преку Програмата К-5 во Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците во скратена постапка и без претходно спроведување на процес за проценка на влијанието на регулативата, отсуство на јавност и консултации со засегнатите страни во процесот на подготовка на законот, а со цел истиот да биде решение на комплексен проблем со превработување и злоупотреба на вработувањата во јавната администрација со кои се соочува нашата држава е навистина чудно и неразбирливо.

Законот нè води до навистина специфична ситуација, каде фактички се врши рехабилитација, односно простување на сите вработени лица во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за нивното досегашно прекршување на работните обврски и им се овозможува нов почеток на ново работно место во органите на државната или на локалната власт, како и останати правни лица основани од нив.

Поради ова е неопходно започнување сериозен процес за евалуација на законот и соодветна проценка на вистинските ефекти кои тој може да ги има во пракса, независно дали тоа се директни проблеми поврзани со неговата примена, корупцијата и судирот на интереси, несакани ефекти врз СИГМА-начелата за добро управување во јавната администрација, несоодветно влијаење врз менаџирањето на човечките ресурси во јавната администрација, или индиректни проблеми поврзани со перцепциите во јавноста за злоупотреба на законот, зголемување на перцепциите за корупција во државата, намалување на довербата на граѓаните во институциите, па дури и намалување на квалитетот на услугите кои граѓаните ги добиваат од јавната администрација.

За потребите на оваа анализа е искористена Методологијата за антикорупциска проверка на легислативата на Државната комисија за спречување на корупцијата³, како и Компаративната анализа и методологија на Регионалниот совет за соработка на Југоисточна Европа и Регионалната антикорупциска иницијатива.

Целата анализа можете да ја прочитате тука.