Соопштенија и новости

Одржана конференцијата „Антикорупциски предизвици во 2021“

Објавено на 20.01.2021 14:33:02

Платформата на граѓански организации за борба против корупција денеска ја организираше конференцијата „Антикорупциски предизвици во 2021“ во рамките на проектот  „Набљудување на успешноста на работата на Државната Комисија за Спречување Корупција (ДКСК)“ финансиран од Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ).

На конференцијата се дискутираше за предизвиците и преземените активности во борбата против корупцијата во 2020 година и можните предизвици кои не очекуваат во 2021 година.

Воведни обраќања на настанот имаа Данче Даниловска Бајдeвска, програмска директорка во ФООМ и претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски.

Даниловска Бајдевска потенцираше дека ФООМ ја поддржува Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата неколку години во спроведување на мониторинг на реформските процеси поврзани со антикорупција.

„За нас работата на Платформата е важна, особено на процесот на пристапување кон ЕУ затоа што од една страна покажуваме дека граѓанското општество е активно, организирано и ја има стручноста да придонесе кон ЕУ интегративниот процес. Од друга страна овозможуваме објективно и непристрасно следење на реформските процеси. Фокус на оваа поддршка е мониторингот на ДКСК, преку редовно следење на нивната работа но и разработка на серија документи за јавни политики за граѓанското општество да дава свои предлози од унапредување на ефикасноста на работењето на Комисијата, зајакнување на нејзината контролна функција и антикорупциска проверка на легислативата“, рече таа.

Трошановски истакна дека борбата против корупцијата е повеќеслоен проблем кој бара политички, институционални и финансиски ресурси кои ќе ги бидат израз на декларативните заложби и ќе придонесат кон видливи резултати.

„Постојат многу реформски предизвици и потфрлања кога станува збор за борбата против корупцијата. Факт е дека нашите граѓани сеуште немаат значително подобрена доверба во посветеноста на институциите во борба против корупцијата, барем според мерењата на јавните перцепции како и антикорупциските индекси. Задржувањето на некомпетентни кадри во борба против корупцијата по институциите, како и долгогодишната инерција на одржување на клучните институции без соодветен кадар и ресурси им противречат на политички искажани заложби. Дополнително, заробеноста на делови на правосудството ефективно ја поништува нивната улога во борбата против корупција и по којзнае кој пат ја става под сомнеж искреноста на декларираната политичка поддршка. Недовербата во институциите е одлика на дисфункционални општества и предуслов за нивна понатамошна деградација“, вели Трошановски.

Претставниците на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата Натали Петровска од Коалиција сите за правично судење, Герман Филков од Центар за граѓански комуникации и Миша Поповиќ од Институт за демократија, презентираа наоди од проектот со фокус на правосудството, јавни набавки и мониторинг на работата на Антикорупциска комисија.

Филков се осврна на неуспесите на антикорупциската политика во јавните набавки цитирајќи повеќе случаи во кои надлежни институции не постапуваат. Петровска ги истакна недостатоците во ресурсите со кои што располагаат правосудните органи како и потребата од проверка на интегритетот на јавните обвинители и судиите.

На настанот свое обраќање имаше и претседателката на Антикорупциска комисија, Биљана Ивановска која рече дека 2021 година очекува на Комисијата да и бидат подобрени условите за работа за нејзино поефикасно функционирање.  

Како ризици од корупција во процесот на јавни набавки таа ги посочи влијанието на политиката, криењето на крајните сопственици на компаниите кои што учествуваат во тендерите, немањето база на референтни цени, учество на еден понудувач со цена без конкуренција, повеќе понудувачи кои се договараат за цена, анкеси по добиени тендери, поништување на тендери како и слабости во тендерска документација.

„Во однос на судството, ДКСК прави проверка на имотната состојба, но со соочуваме со проблеми затоа што не се доставуваат анкетни листови, или се доставуваат не ажурирани, се даваат неточни податоци за што се поднесени прекршочни пријави. Сметам дека политичката волја е најважна и во обезбедување на средства на правосудните органи и во нивно поврзување“, додаде Ивановска.

Заменик на Претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски имаше видео обраќање во кое порача дека заложбата и решеноста на Владата да стави крај на корупцијата е јасна и изрази спремност за соработка со сите чинители кои имаат надлежност или може да помогнат во процесот.

„Една од моите суштински заложби како Вицепремиер е олеснување на комуникацијата и координацијата помеѓу сите чинители во антикорупцискиот сектор со кои што заедно треба да креираме мерки за подобро функционирање и подобар амбиент за да испорачаме резултати кои што граѓаните ги очекуваат. Граѓаните очекуваат цврста, решена и одлучна борба против корупцијата и таа може да се оствари само со чесен, искрен и одговорен пристап. Поставуваме столбови преку силни механизми, преку отворена и редовна меѓу институционална комуникација и соработка со отворени и отчетни институции кои покажуваат отпор кон корупцијата “, истакна Николовски.

Целата конференција може да ја погледнете на следното видео:

https://www.facebook.com/anticorruptionplatformMK/videos/152888099789449/