Истражување и публикации

Антикорупциска проценка на легислативата - извештај за Законот за денационализација

Објавено на 20.01.2021 10:10:47

Отсуството на процедурални гаранции за спречување судир на интереси при формирањето на органот за денационализација во самата основа носи посебни ризици од корупција и прекршување на правата на граѓаните кои се јавуваат како странки во постапките за  денационализација. Дополнителен проблем се јавува поради тоа што овој орган има големи овластувања за определување на преклузивни рокови од кои зависи остварувањето на правото на граѓаните, без притоа да постои посебна и оправдана причина зошто овие рокови не се предвидени со законот или со подзаконските акти, туку истите произволно може да ги определи самиот орган кој одлучува за барањата за денационализација.

Неспорно е дека законот не дава подетални насоки или појаснувања во поглед на тоа кои случаи можат да се сметаат за сложени, каде што е дозволено отстапување од дадените рокови и со тоа подолго траење на овие постапки за денационализација. Дополнително, останува нејасно дали воопшто треба да постои посебна одлука или акт со кој овие сложени случаи би се класифицирале како такви со што би се предвидело или легитимизирало нивното долго траење, или, пак, едноставно секој случај каде што постапката трае подолго од законски предвидените рокови ќе се смета за сложен случај, во чија ситуација се поставува прашањето „зошто воопшто се зададени законски рокови, ако истите можат да бидат пречекорени без посебни последици за постапката или органот кој ја води постапката?“ Овие прашања не се регулирани ниту со посебен подзаконски акт.

Ваквата состојба во законските одредби неминовно се одразува и во пракса каде што постапките за денационализација остануваат да бидат еден од водечките проблеми констатирани од страна на Народниот правобранител во контекст на заштита на сопственоста и имотните права на граѓаните, со повеќе од 150 претставки на годишно ниво, како и висок број утврдени прекршувања на правата и неправилности во постапките за денационализација.

Целата публикација може да ја прочитате тука.