Истражување и публикации

Отсуството на надзор како генератор на корупцијата во државните претпријатија

Објавено на 18.08.2019 13:55:35

„Претпријатијата во државна сопственост се особено ранливи на корупцијата со оглед на нивната блискост со властите и политичарите, обемот на средства со кои управуваат и критичноста на услугите кои ги нудат“, се оценува од страна на Организација за економска соработка и развој ОЕЦД чии истражувања покажуваат дека во светски рамки токму вработените во државните претпријатија најчесто примаат поткуп.

Со оглед на големината на капиталот со кој располагаат овие претпријатија, како и зголемениот ризик од корупција во нив се наметнува потреба од потемелно следење односно надзор на нивното работење. Ваквата состојба е особено нагласена во нашата земја бидејќи државните претпријатија, со оглед на капиталот со кој располагаат и бројот на вработени, претставуваат извор на голема економска и политичка моќ на владеачките структури односно партиите на власт. Притоа, оваа моќ лесно може да се злоупотреби во услови на слаби и нефункционални институции на системот, каква што е состојбата кај нас.

Целта на овој документ е да направи проценка дали и во кој обем јавноста и надлежните институции ја следат работата на државните претпријатија во земјата. Притоа, фокусот ќе биде ставен на два значајни аспекти од надзорот. Првиот, надзорот од јавноста преку поактивната и реактивната транспарентност на претпријатијата во државната сопственост. Вториот аспект се однесува на надзорот од надлежните институции како Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Во однос на ДЗР ќе се изнесат податоци за контролите кои се спроведени од страна на државните ревизори во периодот 2004-2018 година. Додека пак во однос на ДКСК ќе биде направен преглед на предметите отворени од ова тело во изминатите 10 години врз основа на анализа на годишните извештаи на институцијата.

Наведените наоди и податоци ќе бидат сублимирани за да дадат придонес кон расветлување на состојбите во една област која досега не била доволно анализирана во јавноста и ќе овозможи да се дефинираат јасни препораки до основачите на претпријатијата во државна сопственост како и до сите надлежни институции и засегнати страни.

Значењето на овој документ произлегува оттаму што отсуството на надзор врз работата на државните претпријатија не само што ја овозможува туку и ја стимулира корупцијата, на која и онака се подложни државните претпријатија

Целосната анализа е достапна тука.