Соопштенија и новости

Граѓанските организации се запознаа со новите антикорупционери

Објавено на 26.02.2019 15:58:09

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис “ – Скопје го поздрави новиот состав на ДКСК со акцент на процесот и моделот кои беа применети при изборот, нотирајќи дека истиот во јавноста беше оценет како особено позитивна пракса.

Состанокот се одржа на иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата, на 25 февруари, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје. На оваа средба присуствуваше поширокото членство на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, како дел од граѓанското општество кое години наназад со здружени сили активно придонесува кон борбата со корупцијата.

Средбата беше отворена од страна на Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, која со присутните претставници од граѓанските организации и претставниците на медиумите сподели дека како новоизбрани членови на Комисијата би сакале да се запознаат со граѓанските организации кои работат во областа.

Во фокусот на дискусијата меѓу претставниците на Комисијата и претставниците на граѓанските организации беа очекувањата од новиот состав на Комисијата, можностите за остварување соработка за заедничко делување кон намалувањето на корупцијата и важноста од градењето на соодветен углед на институција каква што е Државната комисија за спречување на корупцијата.