Соопштенија и новости

Граѓанските организации го одбележаа Меѓународниот ден на борбата против корупцијата

Објавено на 14.12.2018 15:05:04

По повод одбележување на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, организираше конференција на 12 декември 2018.

Конференцијата насловена „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“ направи простор да се изнесат и дискутираат ставовите на претставници од извршната, законодавната и судската власт, невладиниот и приватниот сектор, медиумите и претставниците од меѓународните организации, во рамки на 3 панел дискусии.

Конференцијата беше отворена со воведни обраќања од страна на Слаѓана Тасева - Претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Рената Дескоска - Министерка за правда, Самуел Жбогар -  Шеф на Делегацијата на Европската Унија и Розета Трајан - Генерална секретарка во  Државната комисија за спречување на корупцијата.

Првата панел дискусија беше посветена на „Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата: Предизвиците при воспоставување на функционалноста на институциите“, а кон истата активен придонес дадоа Слаѓана Тасева - Претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Павле Богоевски - Пратеник во Собранието на Република Македонија, Рената Дескоска - Министерка за правда и Софка Пејовска Дојчиновска - поранешен генерална секретар во  Државната комисија за спречување на корупцијата.  Втората панел дискусија, пак, под насловот „Ветинг процесот и интегритетот при изборот и назначувањето на судии, обвинители и членови на регулаторни, контролни и надзорни тела: Олеснување при процесот на избор или обесхрабрувачки чекор?го опфати доследното почитување на принципите на мерит- системот во независноста на регулаторните, контролните и надзорните тела и нивното значење за владеењето на правото во борбата против корупцијата во земјата, преку обраќањата на Алберт Муслиу - Прв Извршен директор на Асоцијација за демократски иницијативи, Ана Павловска Данева - Шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО, Вилма Русковска - шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, Маргарита Цаца Николовска - судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина и Лазар Нанев - претседател на Основен суд Кавадарци и Претседател на Советот за спречување на малолетничка деликвенција.

Улогата на граѓанските организации во одбрана нa правната, финансиската и политичката рамка: Основање на систем на контрола на власта“ беше последната панл дискусија во рамки на конференцијата и за време на истата фокусот беше ставен на напорите сторени од граѓанските организации, научените лекции и следните чекори. Во оваа сесија свои излагањаа имаа Марко Трошановски - Претседател на Институт за демократија “Социетас Цивилис”-Скопје, Н.Е. Амбасадор на САД во Република Македонија Џес Л. Бејли, Сабина Факиќ - Програмски директор во Центарот за граѓански комуникаци и Емина Нурединоска - раководител на секторот за граѓанско општество во Македонски центар за меѓународна соработка.

Конференцијата беше организирана од Транспаренси Интернешнл-Македонија во рамки на  зајакнувањето на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која вклучува 16 граѓански организации. Оваа иницијатива е поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија.